ПОВОЛНОСТИ ПРИ ВРАБОТУВАЊЕ НА ЕВИДЕНТИРАНИ НЕВРАБОТЕНИ ЛИЦА
ОСЛОБОДУВАЊЕ ОД ПЛАЌАЊЕ ДАНОК НА ЛИЧЕН ДОХОД
Работодавачот кој ќе вработи над бројот на вработените на неопределено време на денот на вработувањето лице кое е евидентирано како невработено во Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија најмалку 1 година се ослободува од плаќање данок на личен доход за време од 3 години. Оваа поволност може да ја користи и работодавачот кој ќе започне вршење на дејност како трговец поединец или основач на трговско друштво, како и физичко лице кое врши дејност во согласност со Закон, а кое пред отпочнувањето на вршењето на дејноста не било регистрирано за вршење на дејност.
ВЛОЖУВАЊЕ НА ПАРИЧНИОТ НАДОМЕСТОК ЗАРАДИ ВРАБОТУВАЊЕ
Со цел поттикнување на вработувањето на невработените лица корисници на паричен надоместок, се дава можност неисплатениот дел од паричниот надоместок по барање на невработеното лице да се исплати во еднократен износ или во месечни рати, но не подолго од 24 месеци, доколку средствата се користат за засновање работен однос на неопределено време. Корисникот на средствата е должен да ги врати искористените средства на Агенцијата за вработување доколку на лицето му престане работниот однос не по негова вина, пред истекот на двојно повеќе време од времето за кое користел средства, со банкарска камата на средствата по видување.