Општата цел на проектот е да се намали долгорочната невработеност и зависноста од гарантиран минимален приход, со ефективно вклучување на ранливите групи, особено корисниците на гарантиран минимален приход, на пазарот на трудот, преку нивно вклучување во специјализирани програми и услуги за развој на вештини. 

Проектот има 2 компоненти:

I СИМ Програма за советување и мотивација (Компонента I)

СИМ Програмата за советување и мотивација е наменета да го поттикне и помогне процесот на вклучување на невработените лица од ранливи категории, посебно корисниците на гарантирана минимална помош, во обуки и други активни мерки за вработување и со тоа да ја олесни инклузијата на овие лица на пазарот на трудот.

Оваа компонента / програма се состои од два типа на поддршка:

1. Поддршка преку советување (пред лицата да се вклучат во активна мерка за вработување), со цел да им се помогне во процесот на нивното активирање и интегирање на пазарот на трудот, со очекуван опфат од 1200 лица.

2. Менторска поддршка (во период кога корисникот се вклучува во обука или друга активна мерка за вработување), со цел да овозможи детекција на личните и професионални бариери и потешкотии со кои се соочуваат невработените лица од ранливите категории за време на процесот на обука или вработување и идентификување на фактори и причини кои го отежнуваат интегрирањето во средина каде се спроведува обуката или вработувањето, со очекуван опфат од 1200 лица.

II Програма за поддршка за вработување преку обуки (Компонента II)

Програма за поддршка за вработување чија што основна цел е подобрување на вештините и знаењата на невработените лица од ранливите категории со помош на обуки, едукација, практична работа и субвенционирано вработување, за да се олесни нивната инклузија на пазарот на трудот.

Оваа компонента / програма се состои од пет мерки:

 1. Обука за побарувани занимања на пазарот на трудот, со очекуван опфат од 1180 лица.

 Целта на мерката е да се зголеми вработливоста на невработените лица преку стекнување знаења и вештини за занимања барани на пазарот на трудот. На лицата опфатени со оваа мерка ќе им се обезбеди соодветен паричен надоместок. Соодветен надоместок е предвиден и за спроведувачите на обуките.

 2. Обука на работно место (обука кај конкретен работодавач), со очекуван опфат од 30 лица.

Целта на оваа мерка е на невработените лица, да им се обезбеди практично искуство при извршување на работни задачи согласно барањата на работодавачите и поддобрување на нивната вработливост. На лицата опфатени со оваа мерка ќе им се обезбеди соодветен паричен надоместок. Соодветен надоместок е предвиден и за работодавачите кои ќе обучуваат лица од целната група. Работодавачот има обврска да вработи најмалку 50% од обучените лица по завршената обука, и истите да ги задржи во работен однос најмалку 3 месеци.

3. Субвенционирано вработување (субвенционирање на плати), со очекуван опфат од 849 лица.

Целта на оваа мерка е да се обезбеди финансиска поддршка за креирање на нови работни места и вработување на невработени лица од ранливите категории, со уплата на средствата кон работодавачот, како субвенција на платата на вработеното лице.

4Практикантство, со очекуван опфат од 400 лица.

Целта на оваа мерка е на невработените лица, да им се обезбеди практично искуство при извршување на работни задачи на одредено работно место. На лицата опфатени со оваа мерка ќе им се обезбеди соодветен паричен надоместок. Не е предвиден надоместок за работодавачите.

 5Втора шанса (пилот програма), со очекуван опфат од 200 лица.

Целта на мерката е да се зголеми вработливоста на невработените лица преку стекнување со диплома за завршено средно образование, која е достапна за лица со завршена втора или трета година средно обравование (тригодишно образование за занимања или четиригодишно стручно техничко образование). За лицата опфатени со оваа мерка, преку проектот, ќе бидат покриени сите трошоци за потребните консултативни часови, полагања на предметите, заклучно со трошоците за матурирање и стекнување со диплома.

Проектот „Активација на ранливи групи на пазарот на трудот“ е со времетрање од 54 и започна да се спроведува од 20 септември 2019 година. Вкупен буџет на проектот е 4.191.401,00 евра, од кои 3.000.000,00 евра ќе бидат обезбедни од страна на Делегацијата на Европската Унија / ИПА; 349.768,00 евра од Национално кофинансирање и 841.633,00 евра од буџетот на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија.