Историјат

Службата за вработување е една од мошне значајните сектори на јавните надлежности на државата, бидејќи функциите со кои таа се занимава се поврзани со работната сила, без која не е можно да се замисли ниедно општество. Од тие причини, служби за вработување постоеле и постојат во сите општествено – политички системи. Тие во современа смисла, во Европа се јавуваат по Првата светска војна. Тогаш, во 1919 година во Швајцарија е формирана Меѓународната организација на трудот (ILO).

Сфатено во најширока смисла, во Република Македонија службата за вработување се јавува уште веднаш по ослободувањето во 1945 година, но таа била неразвиена и дел од општинската ресорна администрација, поради што во тој период не може да се зборува за нејзино профилирање како посебна јавна служба. Во тој период постоеле повеќе организациони облици во кои таа функционирала (трудов отсек, поверенство на трудот, управа за работна сила).

Формалното институционализирање на службата за вработување е извршено на 31 март 1952 година со донесување на Уредба за организацијата на службата за посредување на трудот. Со оваа Уредба, донесена од страна на Владата на ФНРЈ, како органи на службата за посредување на трудот се дефинирани локалните и републичките бирои за посредување на трудот. Републичките бирои за посредување на трудот ги основаат советите за народно здравје и социјална политика на народните републики, а со нив управуваат управни одбори, а непосредно раководат шефовите на бироите.

Понатаму, од 1 декември 1960 година, службата за вработување продолжува како Републички завод за запослување на работници на НРМ, основан од страна на Извршниот совет сo Уредба од 29 октомври 1960 година. Во овој период, во државата се спроведува стопанска и општествена реформа, а политичкиот систем, врз основа на уставните промени од 1963 година, доживува значајни промени, пред се во поглед на натамошното поопштествување на работите кои ги водеше државата и пошироко етаблирање на делегатскиот систем како принцип. Од тие причини, организационата форма на службата за вработување доживува промени и Републичкиот завод за запослување на работници на НРМ се трансформира во Републичка заедница за вработување.

Заедницата за вработување за највисок орган го има Собранието, преку кое се имплементирал институтот на општественото самоуправување и во областа на вработувањето. Општи карактеристики на овој период се напуштањето на екстензивната политика во вработувањето и воведување на активна, интензивна политика во оваа сфера, при што организациите во стопанството се осамостојуваат во поглед на обезбедувањето на кадарот, функциите на службата добиваат третман на дејност од посебен општествен интерес, како и зголемување на опсегот на надлежностите, организацијата и кадарот. Во овој период порадикално се пристапува и кон прашањето за научно дефинирање на делокругот на работите во вработувањето, а со цел подетално да биде утврдена улогата, функцијата и работите на службата. Принципите од Законот за организација и финансирањето на вработувањето (1965 година) дефинираше 9 функции на службата за вработување, и тоа: општествено – економска, посредничка, организационо – кадровска, професионална ориентација, образовна, материјално – правна заштита на невработените, документациона, финансиска и административна. Овие функции до денес претставуваат основа врз која се остварува најголемиот дел од работите и надлежноста на службата за вработување.

Во согласност со општите системски промени во тогашното општество, базирани врз основа на Уставот од 1974 година, и во областа на вработувањето се основаат стопански интересни заедници (СИЗ) за вработување, и тоа на општинско, републичко и сојузно ниво, кои врз основа на делегатскиот принцип имаше за цел натамошна деетатизација и поопштествување на работите во областа на вработувањето. Така врз основа на Законот за самоуправните интересни заедници на вработувањето и за материјално обезбедување за време на привремена невработеност („Сл. весник на СРМ“ бр. 20/74), Републичката СИЗ за вработување е основана од 42 основачи, врз основа на самоуправна спогодба. Таа имала својство на правно лице и била устроена врз делегатски принцип на конституирање на своите органи (Собрание, Извешен одбор и Комисија за контрола). Делегатите во Собранието ги делегирале собранијата на општинските Заедници на вработувањето.

Со Законот за изменување и дополнување на Законот за самоуправните интересни заедници на вработувањето и за материјално обезбедување за време на привремена невработеност („Сл. весник на СРМ“ бр. 9/78), службата за вработување се формира републичка заедница на вработувањето. Подоцнежни измени во поглед на функционирањето на службата за вработување се направени со измените во законската регулатива во „Сл. весник на СРМ“ бр. 32/87, 18/89, 36/89, 17/91 и „Службен весник на РМ“ бр. 36/91, 12/93 и 78/93.

Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност донесен 1997 година („Сл. весник на РМ“ бр. 37/97) ја преименува службата за вработување во Завод за вработување на Република Македонија, како јавна служба со седиште во Скопје, и истиот образува единствена стручна служба со подрачни единици-бироа за вработување, што се основаат за подрачјето на една или повеќе општини. Со овој Закон е уредено дека со Заводот за вработување на Република Македонија управува Управен одбор составен од 9 члена, а раководи Директор, кој го именува и разрешува Владата на Република Македонија на предлог на министерот за труд и социјална политика. Целокупното функционирање на Заводот е уредено со Законот, Статутот и актите за организација и систематизација.

Со измените во Законот од 2004 година („Сл. весник на РМ“ бр. 37/04), називот на Заводот се менува во Агенција за вработување на Република Македонија, а бироата за вработување се преименуваат во центри за вработување.