ПРОФЕСИОНАЛНА ОРИЕНТАЦИЈА

Професионална ориентација е помош која Агенцијата ја дава на невработените и други лица кои бараат работа за избор на занимање или вработување по пат на тестирање и разговор и информирање на потребите од одделни занимања и можностите за вработување.

 Професионалната ориентација го опфаќа и индивидуалното советување при избор на занимање според желбите, интересот и способностите на лицата за одредено занимање и потребите и можностите на пазарот на трудот.
 
Советување за професионална ориентација се дава на невработени лица, ученици, студенти, вработени и инвалидни лица, ако тоа е од значење за избор на нивното занимање и професионалниот развој.

За учениците од завршните години на основното и средното образование, Агенцијата и надлежните установи од областа на образованието организираат советување во врска со изборот на занимање преку предавања од научни и стручни работници, посета на изложби, филмски претстави, посета на претпријатија во врска со вработувањето, установи и друго.

 По извршеното индивидуално советување и тестирање за избор на занимање врз основа на посебните квалитети, знаења, интереси и склоности на ученикот, Агенцијата му препорачува избор на најсоодветен вид занимање.

 Активностите за професионална ориентација во центрите за вработување може да се поделат на следниот начин:
1. Информирање за карактеристиките на занимањата, можностите за продолжување на образованието во средното и високото обаразование, потребите од одделни занимања, можностите за вработување;
2. Професионална ориентација и советување – советување врз основа на испитувањето на професионалните интереси, способности и други карактеристики на личноста;
3. Професионална селекција – селекција на кандидати за обука, преквалификација или доквалификација и помош на работодавачите при изборот на кандидатите за нови вработувања.

Услугите за професионална ориентација се бесплатни.