СООПШТЕНИЕ

Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија информира дека јавните огласи за програмата Самовработување, мерката Субвенционирање на плати, мерката Практиканство, мерката Обука на работно место за познат работодавач и програмата Јавни Работи, кои се дел од Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2021 година, ќе бидат реобјавени на 25.05.2021 година (вторник) и истите ќе траат до 28.05.2021 година (петок).

Невработените лица и работодавачите кои се заинтересирани за учество во овие програми и мерки ќе добијат можност повторно да аплицираат во 30-те Центри за вработување во Република Северна Македонија.

Напоменуваме дека оние лица кои веќе аплицирале за овие мерки и програми не треба да аплицираат повторно бидејќи нивните апликации се земени во предвид.

Потсетуваме дека сите евидентирани невработени лица и работодавачи имаат пристап до програмите, односно мерките и услугите за вработување, а правото за учество се определува врз основа на условите и критериумите дефинирани за секоја поодделна програма односно мерка и услуга за вработување.

Информираме дека при имплементацијата на програмите и мерките за вработување, како и услугите кои се дел од Оперативниот план за активни програми и мерки и услуги на пазарот на трудот за 2021 година, ќе се почитуваат принципите  на справување со негативните ефекти и последици врз пазарот на труд и вработеноста, предизвикани од пандемијата на COVID-19, потоа принципот на диверзитет и инклузивност за сите општествени категории во приватниот сектор согласно принципите на правична и адекватна застапеност на етничка, полова, религиозна, расна или било која друга ранлива категорија на граѓани, во согласност со стандардите и практиките на Обединетите нации и Меѓународната организација на трудот како и принципот за поттикнување на рамномерен регионален развој, во согласност со податоците од Бирото за регионален развој и степенот на развиеноста на планските региони во Република Северна Македонија.