Со новиот Закон за работно ангажирање на лица, краткотрајните работни ангажмани од повремена и сезонска природа се формализираат и се пријавуваат преку надградениот систем е-Работа. Пријавувањето и одјавувањето на работно ангажирани лица е задолжително за секој работодавач кој ангажира лице за ваков вид работа.
КАКО СЕ ВРШИ РАБОТНОТО АНГАЖИРАЊЕ?
Работодавачот е должен пред почетокот на работата да го пријави работниот ангажман преку системот е-Работа, како и навремено да изврши одјава доколку ангажманот не се реализира.
Пред стапување на работа, работодавачот мора да го информира ангажираното лице за:
- видот и начинот на вршење на работата,
- местото и времетраењето на ангажманот,
- условите за безбедност и здравје при работа,
- дневното и неделното работно време, паузите и одморите,
- висината, начинот и рокот на исплата на паричниот надоместок.
ШТО ВИ Е ПОТРЕБНО ЗА ДА ПРИЈАВИТЕ РАБОТНО АНГАЖИРАЊЕ?
За да пријавите работен ангажман потребно е да навигирате преку системот е-Работа и во делот поднесете пријава да ги пополните следните податоци за работно ангажираното лице:
- ЕМБГ и број на личен документ
- Телефонски број или e-mail адреса
- Бројот на трансакциска сметка
Дополнително за да ја комплетирате пријавата треба да изберете својство во кое ја вршите пријавата, сектор на дејност, вид работа, вкупен надоместок, ангажирани работни часови, како и смена во која се ангажира работно ангажираното лице. За неколку минути воспоставувате формален и фер работен ангажман.
КОИ СЕ ПРИДОБИВКИТЕ?
Со ова законско решение се овозможува:
- лесно и едноставно пријавување на работните ангажмани,
- формализација на сезонската и повремената работа,
- задржување на стекнатите права за ангажираните лица од социјална и детска заштита, како и на правото на старосна и семејна пензија,
- евидентираното невработено лице кое е работно ангажирано не го губи правото на паричен надоместок стекнато по основ на осигурување во случај на невработеност и не се брише од евиденцијата на невработени лица, а студентите и учениците не ги губат правата стекнати по основ на посебните закони од областа на образованието,
- оствaрeниот паричен надоместок на работно ангажираното лице не влијае врз стекнување, остварување и губење на други права утврдени со посебни закони.
КОЈ МОЖЕ ДА БИДЕ РАБОТОДАВАЧ?
Работодавач може да биде физичко или правно лице кое за свои потреби ангажира лица во следните дејности:
- земјоделство, шумарство и рибарство,
- објекти за сместување и сервисни дејности за храна,
- дејности на домаќинство како работодавач.
Ангажирањето е дозволено исклучиво за работи утврдени со Законот и наведени во системот за работно ангажирање.
КОЈ МОЖЕ ДА БИДЕ РАБОТНО АНГАЖИРАНО ЛИЦЕ?
Работно ангажирано лице може да биде:
- лице кое не е во работен однос,
- вработено или самовработено лице,
- студент,
- лице помладо од 18 години (само за дозволени видови работа),
- корисник на семејна или старосна пензија,
- странец со регулиран престој согласно закон.
Работното ангажирање не претставува основ за губење на стекнатите социјални права.
ШТО Е ПОВРЕМЕНА И СЕЗОНСКА РАБОТА?
- Сезонска работа – работа која се врши во одредени периоди од годината поради климатски или природни услови, со ограничен број работни часови или денови.
- Повремена работа – работа која се врши краткотрајно, повремено или со прекини, во согласност со законските ограничувања.
ДАНОЧНИ И ОСИГУРИТЕЛНИ ОБВРСКИ
Законот ја уредува постапката за пресметка и плаќање на:
- данок на личен доход,
- придонес за пензиско и инвалидско осигурување,
- дополнителен придонес за задолжително здравствено осигурување во случај на повреда при работа.
Плаќањето на данокот на личен доход и придонесите се врши преку надградениот систем на Управата за јавни приходи.