01.02.2022
Мурати во посета на ЦВ Тетово и ЦВ Гостивар: Високата реализација на Оперативниот план 2021 од 94,6 % е доказ дека истиот е во согласност со потребите на невработените лица и работодавачите

Директорот на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија Беким Мурати денес ги посети Центарот за вработување Тетово и Центарот за вработување Гостивар. При посетата Мурати потенцираше дека интересот за учество во Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување за 2021 беше голем и отвори шанса за вклучување на пазарот на трудот за 1046 корисници од Тетово и 317 лица од Гостивар.
„Eдна од најатрактивните програми за невработените лица и оваа година беше програмата Самовработување која претставува поддршка наменета за невработените лица да започнат сопствен бизнис. Оваа програма забележа 100 процентна реализација и преку неа сопствен бизнис отворија 261 невработено лице од Тетово и 81 лице од Гостивар“.- истакна Мурати.
Новите претпиремачи најчесто се одлучуваа за отворање на бизнис во дејноста трговија на големо и мало, преработувачката индустрија, градежништво и објекти за сместување и сервисни дејности со храна. Работодавачите покажаа голем интерес за учество во програмите за поддршка за креирање на нови работни места чија цел е поттикнување на вработување на невработени лица во микро, мали и средни претпријатија. Преку мерката Субвенционирање на плати се вработија 280 лица од Тетово и 101 лице од Гостивар.

Програмите и мерките кои имаат за цел стекнување и дополнување на знаењата и вештини на невработените лица заради зголемување на нивната вработливост и конкурентност исто така претставуваа позитивен поттик за невработените лица да се вклучат на пазарот на трудот. Истите се одвиваа согласно протоколите за заштита од вирусот Ковид 19.
„ Голема искористеност во Тетово и Гостивар бележи мерката Практиканство. Преку оваа мерка 222 млади невработени лица од Тетово и 81 младо невработено лице од Гостивар се стекнаа со практични знаења и вештини со што станаа поконкурентни на пазарот на трудот“.- изјави Мурати.
Мурати информираше дека во последна фаза е подготовката на Оперативниот план за 2022 кој е креиран согласно потребите на невработените лица и работодавачите, а за негова реализација се предвидени 28 милиони евра, (1.73 милијарди денари).
Тој порача дека Агенцијата за вработување ќе продолжи да ја унапредува својата работа со цел да обезбеди професионални и квалитетни услуги за корисниците.