Јовановска во Софија: Целиме кон унапредување на нашата работа во служба на невработените лица и работодавачите


Делегација на Агенцијата за вработување на Република Македонија предводена од  директорката Билјана Јовановска денеска оствари работна средба со делегација на Агенцијата за вработување на Република Бугарија.

Директорката на Агенцијата за вработување на РМ Јовановска се сретна со директорот на Агенцијата за вработување на Бугарија Драгомир Николов со цел да се разменат искуства на полето на развој на пазарот на трудот.

Пред македоската делегација од страна на експертите од Агенцијата за вработување на Република Бугарија беа презентирани политиките за намалување на невработеноста кои ги имплементира Република Бугарија, земја членка на Европската Унија каде стапката на невработеност е 5.6

Посебно внимание беше посветено на размена на искуства на полето на евиденција и анализа на пазарот на труд, законската регулатива и постапки за вработување на странски државјани како и посредување при вработување - услуга на која Агенцијата за вработување на Република Македонија во моментов посветено работи во насока на нејзино подобрување.

-Целта на менаџментот на Агенцијата за вработување на Република Македонија е да ја унапредуваме нашата работа во служба и корист на невработените лица и работодавачите. АВРМ би сакала во своето работење да ги инкорпорира позитивните искуства за намалување на невработеноста и зголемување на вработливоста кои ги користат земјите од Европската Унија бидејќи Европската Унија е патот кон кој се стремиме.- изјави директорката на Агенцијата за вработување на РМ Јовановска во своето обраќање на работната средба

Претставниците на двете земји разговараа и за поволностите од ИПА фондовите кои ги имаат земјите членки на Европската Унија.

Делегациите на Агенцијата за вработување на Р. Македонија и делегацијата за вработување на Р. Бугарија изразија подготвеност за понатамошна соработка со заедничка цел унапредување и развој на пазарот на трудот во двете земји.