950 млади лица досега се вклучија во програмата Практиканство  

950 млади лица започнаа со обавување на практичната работа преку програмата Практиканство која е дел од Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот  за 2019 година.

Програмата Практиканство лани беше една од најбараните програми и во неа се вклучија 1263 невработени лица до 34 годишна возраст.

Поради големиот интерес оваа година опфатот се зголеми на 1625 лица што е највисок опфат за оваа програма до сега.

Во тек е склучувањето на договори се додека не се пополни предвидениот опфат на корисници.

Младите лица во практична работа се вклучени во: трговија на големо и мало, дејности на здравствена и социјална заштита, стручни научни и технички дејности, препработувачка индустрија, други услужни дејности итн.

Целта на програмата е стекнување практични  работни знаења и вештини потребни за извршување работни задачи на одредени работни места.  

Лицата што ќе се вклучат во практиканство ќе добијат месечен надоместок во висина од 9.000 денари месечно (со вклучено осигурување за инвалидност и телесно оштетување причинето со повреда на работа и професионална болест и данок на личен доход)  за период  до 3 месеци.

Програмата е наменета за невработени  лица до 34 години со минимум завршено основно образование и работодавачи од приватен и од граѓански  сектор.

За имплементација на оваа програма издвоени се 43 200 000 денари од потсметката активни програми и мерки на Агенцијата за вработување на РСМ.