Пропратно писмо

Пропратното писмо ја следи Вашата работна биографија и има улога да Ве претстави на потенцијалниот работодавач и да го заинтересира да ја прочита Вашата работна биографија и да Ве повика на разговор.

Подготовка за пишување на пропратното писмо:

Истражете го работодавачот каде сакате да конкурирате. Особено анализирајте ги барањата за работното место за која конкурирате. Доколку се пријавувате на оглас, анализирајте ги и барањата кои се наведени во огласот.
Сумирајте ги податоците за своето образование, работно искуство, достигнувања и унапредувања, карактеристики и вештини, стручни познавања. Потоа извршете селекција на оние информации кои можете да ги поврзете со барањата на работното место и потребите на работодавачот каде сакате да конкурирате.
Средете ги информациите според темите и пренесете ги во јасни и прецизни реченици. Водете сметка речениците да не бидат долги и неразбирливи. Обидете се да не ги повторувате истите реченици како во CV-то. Истакнете ги своите квалификации кои Ве препорачуваат за бараната работа, а изоставете го тоа што не Ви оди во прилог.